Природата кон Македонија била навистина дарежлива и ја дарила со богат и разновиден животински свет. Животните се интересни поради тоа што едни живеат во долините и шумите, други во езерата и реките, а некои пак, во земјата и пештерите. Тие се овде главно претставници на медитеранската и средноевропската, а поретко и на источноевропската фауна. Без’рбетници има 9819 видови, од кои 635 се ендемски. Во ’рбетници спаѓаат: 78 видови на риби од кои 20 се ендемски, водоземци, влекачи, птици и 82 вида на цицачи од кои 3 се ендемски.
Богатството на животинскиот свет, особено на крупниот и ситниот дивеч, придонесува Македонија да биде барана дестинација за елитен ловен туризам. Сепак, повеќе видови на животни кои се на работ од истребување се строго заштитени со закон. Загрозени и заштитени видови има околу 113, од кои 30 риби, 1 влекач, 66 птици и 16 видови на цицачи. Од птиците тоа се: царскиот, златниот и суриот орел, белоглавиот и египетскиот мршојадец, лисестиот глувчар и соколите, а од цицачите: рисот, мечката, дивата коза, волкот, еленот, лилјакот и други.
Балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus) ги населува густите шуми и тешко достапните области во западна Македонија, во планинскиот појас кој се протега по должина на македонско-албанската граница (Бистра, Шар Планина, Кораб, Дешат, Стогово, Јакупица, Пелистер и Галичица). Според последните податоци се претпоставува дека има само 35-40 единки. Повеќето од нив се наоѓаат во НП „Маврово“, а некои се забележани во НП „Пелистер“ и во природниот резерват „Јасен“. Балканскиот рис е македонски национален симбол и го има на дресот на македонската Фудбалска репрезентација, на поштенска марка и на монетата од 5 денари.
И кафеавата мечка (Ursus arctos) е скоро пред истребување. Таа може да се сретне главно во западниот дел (од Шар Планина до Јабланица, Галичица и Пелистер), а нејзината вкупна популација изнесува околу 250. Волкот (Canis lupus) пак, се населува најчесто во планинските предели, но и по ридовите и рамниците, и брои околу 700 единки. Срната (Capreolus capreolus) е трајно заштитена, при што дојде до зголемување на бројот на популацијата. Од влекачите загрозена е остроглавата шарка (Vipera ursinii), а од птиците лебедите, белоглавиот мршојадец (Gyps fulvus) и царскиот орел (Aquila heliaca), кој се среќава само во клисурата на Црна Река, кај реката Бабуна, околу Демир Капија и Мариовско.
Дивите животни ја зголемуваат атрактивноста на туристичките дестинации и придонесуваат за развој на специфичниот ловечки туризам. Поради опасноста од нивното исчезнување, во последно време е сè попопуларен фото-сафари туризмот, при кој главна цел не е убивање на дивеч, туку негово фотографирање. Интересен е и орнитолошкиот туризам, во кој освен фотографирање на различни птици, се снимаат и звуците кои тие ги испуштаат. Водната флора исто така, придонесува за некои видови на туризам и спортови на вода: нуркање, риболов и подводен риболов.



















